Конкурс за стипендирање на ученици и студенти за учебната 2024 / 2025 година
Општина Демир Капија
25 септ. 2024 г.
Комисијата за стипендирање на талентирани ученици и студенти во Општина Демир Капија согласно член 3 од Одлуката за утврдување начин на стипендирање на талентирани ученици и студенти во Општина Демир Капија (“Службен гласник на Општина Демир Капија” бр.7/2022) и член 7 од Правилникот за условите, критериумите и начинот за доделување на општински стипендии на ученици и студенти во Општина Демир Капија (“Службен гласник на Општина Демир Капија” бр. 9/2022; 5/2023 и 8/2024), на ден 25.09.2024 година објавува
КОНКУРС
За стипендирање на ученици и студенти за учебната 2024/2025 година
За учебната 2024/2025 година, Општина Демир Капија ќе додели:
3 (три) стипендии на ученици од III и IV година во средно образование.
Стипендијата е во висина од 2.000,00 денари месечно за ученици, а се исплатува 9 месеци во годината.
3 (три) стипендии на редовни студенти запишани на прв циклус студии на државни факултети во РСМ, со завршена најмалку една година од студиите во високото образование.
Стипендијата е во висина од 3.000,00 денари месечно за студенти, а се исплатува 9 месеци во годината.
Услови за доделување на стипендии
Право на стипендија имаат кандидатите кои учат и студираат во училиштата и факултетите во Република Северна Македонија, а ги исполнуваат следните услови:
Редовни ученици од средно образование со континуиран одличен успех, кои ги исполнуваат условите предвидени во Правилникот за условите, критериумите и начинот за доделување на општински стипендии на ученици и студенти во општина Демир Капија и според наведените критериуми освоиле најмногу бодови.
Редовни студенти со континуирано студирање, кои ги исполнуваат условите предвидени во Правилникот за условите, критериумите и начинот за доделување на општински стипендии на ученици и студенти во општина Демир Капија и според наведените критериуми освоиле најмногу бодови а кои во претходните години на студии постигнале просечен успех од најмалку 7,00.
Потребни документи за учество на конкурсот за стипендии
1. Пријава од ученикот/ студентот (која е прилог на конкурсот);
2. Документи за утврдување на материјално-финансиската состојба на апликантот:
За вработените членови на семејството да се достават потврди за остварена плата за последните три месеци сметано до денот на поднесувањето на пријавата, или доколку до овој месец не е исплатена плата, да се достави потврда за последно исплатената плата за оваа година (за родителите/старателите да се достави плата заверена од работодавецот),
За пензионираните членови на семејството да се достави документ (чек) за висината на последно исплатената пензија,
За разведените родители да се достави доказ за разводот, односно ако апликантот користи алиментација од родителот истата да се прикаже како месечен приход,
За корисниците на социјалната помош да се достави последното решение за корисник на гарантиран минимален приход,
За невработените членови на семејството на апликантот да се достават потврди од Агенцијата за вработување на РСМ дека се невработени или примаат месечен надоместок,
За инвалидитет да се достави наод и мислење за видот и степенот на попреченоста во физичкиот или психичкиот развој и специфичните потреби издадена од надлежна установа, а согласно Правилникот за оцена на специфичните потреби на лицата со пречки во физичкиот или психичкиот развој,
За браќа/сестри на кандидатот, кои се ученици/студенти, се доставува потврда од училиштето односно факултетот или друга институција,
Уверение од Управата за јавни приходи за остварени приходи по разни основи од претходната година (приходи од самостојна дејност, приходи од вршење земјоделска дејност, приходи од имот и имотни права, приходи од капитал…), за родителите/старателите, кандидатот и другите членови на неговото потесно семејство.
3. Нотарски заверена изјава од апликантот дека доставените документи се вистинити и дека податоците одговараат на прикажаната состојба (која е прилог на конкурсот).
Апликантите за добивање ученичка стипендија, дополнително треба да достават:
Фотокопија од лична карта или пасош од родителите со кој се потврдува жителството;
Свидетелство за континуиран одличен успех од претходните 2 (две) години;
Документ кој потврдува освоени награди на државни натпревари;
Документ кој потврдува освоени награди на меѓународни натпревари;
Апликантите за добивање студентска стипендија, дополнително треба да достават:
Фотокопија од лична карта на студентот;
Доказ за положени испити;
Потврда од високо образовната институција за редовно запишана студиска година;
Потврди за учество на семинари, конференции и други образовни проектни активности општествени и интелектуални иницијативи на студентите од областа за која се оспособува;
Потврда за објавени стручни трудови;
Место и рок за поднесување на документите
Рокот за поднесување на документите е од 25.09.2024 година до 25.10.2024 година.
Пријавите со потребните документи се поднесуваат на следната адреса: Општина Демир Капија ул. „Маршал Тито“ бр.15Б 1442 Демир Капија или во архива на Општина Демир Капија со назнака: “За јавен конкурс за стипендирање на ученици и студенти”.
Некомплетните и ненавремено доставените пријави нема да се разгледуваат.
Одлуката за избор на ученици и студенти ќе биде објавена на огласна табла во општината, на веб страната на општината и во Службен гласник на Општина Демир Капија.
Незадоволните кандидати имаат право на приговор до Комисијата во рок од 3 (три) дена од денот на приемот на одлуката за избор. Приговорот се поднесува во писмена форма.
Број 02-583/1
25.09.2024 година
Комисијата за стипендирање на талентирани ученици и студенти
Претседател
Јулија Иванова
Конкурс за стипендирање на ученици и студенти за учебната 2024 / 2025 година